Македонија 28. февруари 2019. / 15:15

Адвокатот на Мијалков бара ослободителна пресуда – не постоело доказ дека влијаел на ДИК

Адвокатот на Мијалков бара ослободителна пресуда – не постоело доказ дека влијаел на ДИК

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на 8 март во 12.30 часот ќе ја чуе првата пресуда за предмет на СЈО, во случајот „Титаник 2″. Адвокатот Миле Петровски, бранител на Мијалков, во денешниот завршен збор на судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2“, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент, бидејќи, како што рече, не постои ниту еден доказ дека тој презел какво било дејство или го сторил кривичното дело што му се става на товар.

Не постои доказ за какво било барање или извршено влијание од Сашо Мијалков врз Мендух Тачи, како резултат на што противзаконито е стекнато право за натамошно учество на кандидатот Васил Пишев на изборите во Струмица, рече Петровски.

Според него, обврска на тој што го поднел обвинението е да даде доказ дека Мијалков искористил реално влијание врз Мендух Тачи и примил награда за таквото влијание.

Тоа е неоснована и непотврдена претпоставка. Елемент без чие постоење ниту е можно да се поднесе обвинение, а не да му се суди, изјави Петровски и додаде дека одлуката на ДИК за која се вели дека е незаконита е колективна одлука и потврдена од второстепен орган.

Бранителот Љупчо Шврговски рече дека целото обвинение се насочува врз основа на еден аудио материјал, кој, според него, е противзаконски набавен.

Пресудата не може да се базира само врз основа на исказ на загрозен сведок. Одбраната основано смета дека пресуда не може да се темели само врз база на аудио снимка и да се користи како основен доказ, изјави Шврговски.

Според обвинителниот акт, Мијалков го искористил своето реално влијание и по телефон побарал од Мендух Тачи да влијае врз членот од неговата политичка партија во ДИК да гласа за носење на одлука во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ по приговор за гласањето на избирачкото место 1727 во Струмица, со што кандидатот Васил Пишев се стекнал со противзаконито право за понатамошно учество на изборите.

Инаку, во „Титаник 2“ обвинети се и неколку поранешни членови на ДИК. Меѓу нив е и поранешната членка на ДИК, Анета Стефановска, која, според нејзиниот адвокат Владимир Пажиќ, не сторила никакво кривично дело ниту презела дејствие кое ѝ се става на товар.

Пажиќ побара ослободителна пресуда за Стефановска.

Обвинетата Стефановска, пак, во завршните зборови рече дека таа како член на ДИК од 2012 до 2016 учествувала на повеќе избори и досега немала никаква грешка и сите функции ги извршувала чесно и професионално. Таа се праша зошто е во судот и рече дека не се чуствува виновна.

Стефановска се расплака и рече дека обвинението влијаело на нејзиното здравје.