Не сум курирот Бошко . Апсолутно демантирам дека сум доставил било што до ВМРО-ДПМНЕ, а најмалку било какви материјали во врска со случајот „Рекет“, изјави за Економски Лидер адвокататот на Бојан Јовановски-Боки 13.
Изјавата на Дуковски следува откако лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, во изјава за Фокус го демантираше Јовановски, кој пред судот изјави дека денешната пресуда е политички мотивирана и оти парите од „Рекет“ треба да се бараат кај Зоран и Вице Заев.
Според Зоран Заев, денешната пресуда е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор и оти завршило времето кога политичари се јавувале во правосудството за да заштитат прекршители на законот.
Но, внимание предизвика друг дела од изјавата на Заев.
-Истовремено сите закани за некаква моја комуникација со Бојан Јовановски, кои ги достави до највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ токму неговиот адвокат, преку посредници, очекувам да се објават и уште еднаш да види јавноста која е вистината, дека мојата и определбата на СДСМ за правна држава се без компромисни и никакви закани или вакви лажни изјави нема да не одвратат од определбата за одговорност на секој кој се огрешил пред законите, рече Заев.
Како и од каде Зоран Заев знае дека, наводно, адвокатот на Јовановски преку некаков посредник доставил некакви материјали до најголемата опозициска партија и дали со тоа сака да пресретне некои нови сознанија поврзани со случајот „Рекет“!? И каде потекнуваат тие сознанија, што сака да му ги импутира на Дуковски?
-Ако се тие влезени во кампања, тоа си е нивна работа, но не дозволувам да ме злоупотребуваат, зашто јас сум адвокат и давам одбрана, а тоа е според Уставот значи дека вршам јавна служба. И на какви материјали мислат? Па, ние трипати баравме вештачење на целиот телефон на Јовановски и трипати не одбија. А, ако мислат на некаков друг материјал, ги охрабрувам веднаш јавно да кажат кога и кому имам нешто доставено, зашто тоа е ноторна лага и невистина, вели адвокат Дуковски.
Денеска беше објавена првостепената пресуда за „Рекет“, според која Јовановски беше осуден на 9 години затвор, а поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева доби 7 годишна казна затвор. Тие имаат право на жалба пред Апелација.