Во тек се консултациите со сите страни вклучени во образовните реформи за да се види дали најавените промени се соодветни за учениците и вработените во образованието. Министерот Адеми, дури не е ни сигурен дали од септември ќе започне спроведувањето на пилот-проектот со новите план- програми за второ и трето одделение. Станува збор за скратување на наставните програми и часови.
„Ги разгледуваме опциите дали да почнеме или не со пилот-програмите за реформи во основното образование. Меѓутоа, деновиве за секоја наша одлука ќе бидете известени на време. Ако стартуваме со проба, ќе има повик за сите училишта кои се заинтересирани да аплицираат да бидат дел од тие реформи во нивните училишта“, изјави Арбер Адеми, министер за образование.
Во меѓувреме, многу директори на основни училишта сè уште не знаат кои училишта ќе бидат опфатени со пилот-проектот за второ и трето одделение. Од училиштето „Имри Елези“ во скопски Чаир велат дека веќе е доцна за негово спроведување од есен.
„Ништо немаме официјално бидејќи навистина ние сме во тешка позиција, бидејќи треба да планираме поделба на часовите, наставниците… Ќе биде лошо за нас да се прилагодиме и тоа треба да го имаме предвид дека можеби не секој родител сака неговото дете да биде дел од пилот-проект“, вели Мерита Коџаџику- О.У „Имри Елези“.
Предлог- законот за основно образование подготвен од поранешната министерка, Рената Десковска, предвидува неколку измени, меѓу кои да не се учи в сабота, децата од прво до трето одделение неделно да имаат максимум 20 часа, а 25 часа да имаат учениците од четврто до шестто одделение, а 30 часа од седмо до деветто. Исто така, предлог- законот предвидува редуцирање на бројот на ученици во еден клас односно клас ќе се формира со минимум 20 ученици, а нивниот број ќе може да биде до 30. Комбинирана паралелка ќе може да има најмногу 10 ученици.