Бизнисменот Љупчо Палевски веќе два месеца е во екстрадициски притвор во Србија. Тој беше уапсен на 12 септември оваа година на белградскиот аеродром по меѓународна потерница распишана од Хрватска, пишува 360 степени.
Неговиот адвокат Васко Стојков вели дека го посетува притворениот Палевски секои десетина дена.
Чекаме конечна одлука за екстрадиција од српските власти за Палевски да се појави пред судот во Хрватска, да ги презентира доказите во негова полза, по што очекуваме обвинението да биде повлечено, вели адвокатот Стојков.
Ниту српските ниту хрватските власти откриваат детали за делото за кое се бара Палевски. Од македонското МВР, на прашање на „360 Степени“ – дали се информирани за кривичното дело што му става на товар на Палевски, одговорија:
На 19.9.2019 г. сме известени од Интерпол Белград дека лицето Љ.П.(55) бил лишен од слобода на 12.9.2019 г. во Белград, при што му бил одреден екстрадиционен притвор врз основа на меѓ.потерница издадена од Интерпол Загреб за сторено кривично дело – измама, согласно чл. 293 од Казнениот законик на Република Хрватска.
По приведувањето на Палевски на белградскиот аеродром „Никола Тесла”, неговиот адвокат рече дека тој патувал за Москва за да склучи бизнис зделка. Тогаш Стојков изрази надеж дека Палевски ќе биде ослободен за неколку дена.
Љупчо Палевски беше еден од предводниците на протестите против промена на името на земјава.