Македонија 18. јули 2018. / 16:23

25 јули, последен ден за одлука за референдумот

25 јули, последен ден за одлука за референдумот

25 јули  е крајниот рок до кога треба да се избере ДИК и да се донесе одлука за референдум. По овој датум, можно е да има пролонгирање на датумот за одржување на референдумот, зашто одлуката за распишување треба да се донесе најмалку 60 дена пред денот на референдумот.

Од тие причини, вечерва на лидерската средба ќе се соопшти и референдумското прашање.

Ако вечерва не се постигне договор на лидерска средба, парламентарното мнозинство ќе ги изгласа измените на Изборниот законик со кои се предлага членовите на ДИК да се избираат со просто мнозинство, наместо со двотретинско мнозинство и кандидатите за членови на ДИК да не се избираат на Комисијата за избори и именувања.

Неофицијално, власта е подготвена на отстапка само во делот на финансирањето на политичките партии и делумно за барањето за „пржинска влада“, но не и за амнестијата за 27 април.

Од власта и од опозицијата засега се воздржани од исходот на вечерашната средба.

„Од лидерската средба очекувам да ја дефинираме темата референдум. Тоа значи да го определиме датумот за одржување на референдумот, да го дефинираме референдумското прашање, карактерот на референдумот, Државната изборна комисија и сето она што е поврзано со референдумот. Очекувам да се одважиме и да покажеме дека навистина сите сме за Европската унија и НАТО и дека сме за обезбедување на иднина на Македонија и на сите наши граѓани“, рече премиерот Зоран Заев.