На денешен ден пред точно 105 години се случи најголемата трагедија на македонскиот народ. На 10 август 1913г, беше потпишан мировниот договор во Букурешт како последица од Балканските војни, со кој всушност се изврши трајна поделба на македонскиот народ помеѓу четирите балкански држави (Грција, Србија, Бугарија и новоформираната Албанија). Од овој ден, до денеска македонскиот народ успеа да дојде до своја татковина само во делот што беше окупиран од Србија и тоа благодарение на антифашистичката борба во Втората светска војна.
Територијата на Македонија во рамките на Отоманската империја до Балканските војни го претставувала централниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа се граничела на север со Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак и Рила. Западните граници се протегале преку планините Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд, на југ по реката Бистрица до Егејското Море и на исток до сливот на реката Места. Во рамките на овие географски граници, Македонија зафаќала површина од 67.741,2 км2.
Со Букурешкиот мировен договор, Македонија била поделена на тој начин:
Егејскиот дел, со површина од 34.356 км2 го окупирала Грција,
Вардарскиот дел со површина од 25.342 км2 го окупирала Србија,
Пиринскиот дел со 6.798 км2 ја окупирала Бугарија и
Јужниот брег од Охридското езеро – Мала Преспа со 1.115 км2 и биле доделени на Албанија.
Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел од Балканот станала периферија и провинција на балканските земји.
Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите во Втората Балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија, Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 луѓе.
Наведениве факти недвосмислено докажуваат дека балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на турските поседи во Европа. Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето.