На кружната патека во Тресонче денеска ќе се одржи Државното првенство во планински велосипедизам- XCO Тресонче 2020. Трката е во организација на Велосипедската федерација на С. Македонија, Велосипедскиот клуб „Енерџи“ и З.Г. „Брзовец“, а со поддршка на Општина Маврово и Националниот парк „Маврово-Ростуше“.
Селекторот на македонската репрезентација и велосипедист Љубиша Кондев истакнува дека оваа трка е со посебно значење заради титулата „државен првак“ која ќе ја добијат најуспешните во секоја категорија на натпреварувачи, а која, според него, го претставува највисокото достигнување на еден спортист во текот на годината.
Патеката во Тресонче е специфична заради тоа што се протега низ атарот на селото, низ природни предели кои се исклучително живописни, низ технички искачувања и препреки, карпи и потоци кои бараат подготвеност од страна на велосипедистите, но во исто време пружаат и можност за уживање за време на трката, потенцира Кондев.