По 29-ти пат во недела ќе се одржи годинашното издание на фестивалот на хорска музика „Тетовски хорски одѕиви“ (ТЕХО), соопштија денеска на прес-конференција организаторите.
Ова издание на ТЕХО ќе се одржи во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешочкиот манастирски комплекс.
Поради коронавирусот редовниот термин од јуни го одложивме за сега, во септември. Успеваме во согласност со хоровите да се усогласиме за настапи според протоколите за спречување на ширење на Ковид-19 во духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешок. Новина оваа година ќе биде тоа што учесниците од Македонија ќе настапат во живо, додека хоровите од Албанија, Бугарија, Србија и Косово ќе бидат застапени онлајн преку видео врска. Така ќе го одржиме меѓународниот карактер на фестивалот и да покажеме дека нема граници на хорската музика, рече Ивица Зориќ, претседател на ТЕХО и диригент на хорот „Менада“.
Фестивалот ќе почне во недела во 13 часот со концерт на детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“ од Велес. Потоа ќе настапиа преку видео врска мешаниот хор „Сипарантум“ од Пеќ, Косово по што ќе следува настапот на професионалниот хор „Про арс“ од Скопје. Од 18 часот ќе настапи градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид, академскиот хор „СКЦ Универзитет“ од Ниш, градскиот женски младински хор „Менада“, хорот Розафа Експресион од Скадар и мешаниот камерен хор „Рождество на Пресвета Богородица“ од Скопје.
Како дел од манифестацијата ќе биде и изложбата на ликовни дела насловена „ Во Слава на Бога“ создадени од 12 деца од 7 до 14 години во рамки на ликовната работилница предводена од Славчо Максимовски. Ќе се одигра и театарската монодрама „Чај со рум“ на отворено во предворјето на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастирски комплекс од 19:30 часот.
Фестивалот ТЕХО за прв пат се одржал 1973 година и се одржува на секои две години. Од 2012 започнаа и фестивали на православна музика.