Секторот за евроинтеграции од Општина Куманово изработи проект за обнова на поранешниот „Хотел Солун“, еден од најрепрезентативните објекти по кои градот е познат, соопштија денеска надлежните од општината. На општинската веб страна веќе е објавен и повик за конзервација на поранешниот хотел лоциран на улицата „Иво Лола Рибар“ во централното градско подрачје.
-Проектот е финансиран од страна на ЕУ, по Интеррег ИПА програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, што се имплементира во соработка со Општина Дупница. Вкупниот износ на проектот изнесува 481.699,61 евро, од кои 220.473,25 евра се за Општина Куманово, што е чист грант, соопштија од секторот за евроинтеграции.
Проектот опфаќа конзервација, реставрација, санација и адаптација на поранешниот хотел „Солун“ во Куманово, опремување со мебел и опрема, конзервација на зградата на Стариот округ хол во Дупница и изградба на дополнителни простории, спроведување на студија за современи маркетинг практики за популаризација на стариот урбанистички начин на живот и наследство.
Во приземјето се предвидува повеќенаменски простор за презентации, трибини и инфо-центар, а во просториите на првиот кат се предвидуваат административни простории.
Проектот и проектната документација се изработени од страна на студио КУБИКА ДОО Куманово.
Бенефитот од реализацијата на овој проект, велат од општината, е повеќекратен и вклучува подобрување на туристичкиот потенцијал во регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување наприродно и културно наследство.
Проектот почна да се спроведува во јули годинава и ќе трае до јули 2021 година.