Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Отсекот за превенција при СВР – Штип, спроведува превентивна акција во рамки на кампањата „Безбедно возење со трактор“, на подрачјето на кочанските села Горни и Долни Подлог.
Повод за реализирање на кампањата во кочанскиот регион е што веќе почна жетвата на оризот, па на магистралните и регионалните патишта има зголемено движење на земјоделска механизација, која често е технички неисправна.
Во оваа кампања ние делиме ротациони светла што ќе ги означуваат тракторите и рефлектирачки ленти кои се лепат на предната и задната страна на тракторите и приколките заради подобра видливост при движење на пат. Апелираме до трактористите да управуваат технички исправна земјоделска механизција, со сопирачки што се во исправна состојба, како и со исправно осветлување на тракторот. Тоа е еден од основните елементи за видливост и правилно движење во сообраќајот, истакна Гордана Кожуваровска, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Според официјалните податоци, секоја година просечно по петнаесетина возачи и патници на трактор или тракторска приколка го губат животот во сообраќајни незгоди. Во првата половина од оваа година евидентирани се 12 повредени и тројца загинати трактористи.
Од РСБСП нагласија дека не е во прашање безбедноста само на возачите на трактори, туку и на лицата кои се превезуваат со нив, а често страдаат и останатите учесници во сообраќајни незгоди во кои едно од возилата е трактор или приколка.