Јубилејното издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ продолжи со изложба на фотографии „50 години традиција“ која синоќа беше отворена во НУ Центар за култура-Битола.
Публиката може да види 50 ретки фотографии кои се чуваат во документацискиот центар на таа национална установа и ги илустрираат почетоците на фестивалот од 1971 година до денес, фестивалски плакат и друг материјал од богатата фото архива.
Традицијата е за да се негува, да не надживува и да не надрастува, а „Илинденски денови“ се традиција на Битола… што би била Битола ако не е побогата за фестивал запишан во дамарите на битолчани. Фестивалот „Илинденски денови“ е повеќе од тапани, зурли, играорци. Фестивалот „Илинденски денови“ е печат, заштитен знак со кој израснале генерации – истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
Изложбата ја претстави м-р Валентин Соклевски, етнолог и координатор на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.
Овој фестивал е организам кој живее затоа што има срце, а срцето на овој фестивал се илјадници играорци, инструменталисти, пејачи, организатори, членови на друштва, стручни лица, истражувачи и други кои во овие 50 години учествувале на Фестивалот во Битола. Ова срце чука заедно со над 2,8 милиони посетители гледачи на овој фестивал, а сведоштво за тоа се поставените фотографии и плакат на изложбата „50 години традиција – истакна Соклевски.
Според Соклевски изработката на една фотографија од фотографот е мајсторство за цела инспирација и емоции кои биле прикажувани на фестивалската сцена, а пред и зад сцената во Битола престојувале, биле познати фотографери уметници чии фотографии се дигитализирани.
За да се научи едно оро, една песна…треба желба, време, срце и љубов. За да се создаде, зачува и надгради еден фестивал, требаат многу луѓе со големо срце и љубов кон орото и песната од родната грутка. Фестивалот „Илинденски денови“ е чедо на таквите луѓе, играорци, гајдаџии, зурлаџии, пејачи, стручни лица, публика… – изјави Соклевски на отворањето на изложбата „50 години традиција“.
Во рамки на фестивалот вечер во битолскиот културен центар „Магаза“ ќе биде отворена изложба со наслов „1000 години Бигорски манастир“.