Во познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, осветен е прекрасниот параклис на Светиот Николај Чудотворец. Како што информираат од бигорската обител осветувањето на параклисот е во склоп на празнувањето на илјадалетието од основањето на Бигорската Обител во 1020 година,чија централна прослава е планирана за 26 октомври.
Параклисот се наоѓа во Источниот Палат од манастирскиот комплекс. Целосно живописан е во 2014 година од зографот Горан Боев, монахот Аверкиј и браќата на Бигорската Обител, кои и го позлатија иконостасот.
Во беседата на г.Тимотеј одржана на свечениот чин на осветувањето, тој искажа благодарност на братството на чело со игуменот, архимандрит Партениј за нивната неуморна грижа за градење и воздигнување на Црквата Божја преку монументалните зданија, но уште повеќе и поважно „во срцата и душите на благочестивиот православен народ ширум нашата сакана татковина“.
По завршувањето на литургијата, митрополитот г. Тимотеј, заедно со архимандрит Партениј, извршија трисагија за покој на душата на скоро упокоениот и почитуван професор Петко Златески.