Магазин 24. јули 2020. / 15:25

Викендов почнува снимањето биографски филм за Тома Здравковиќ

Викендов почнува снимањето биографски филм за Тома Здравковиќ

По повеќе од една година подготовка на сценариото и огромното внимание што беше посветено при изборот на глумците, овој викенд почнува снимањето на биографскиот филм за славниот покоен српски пејач Тома Здравковиќ.

Продуцентите Жељко Јоксимовиќ и Драган Бјелогрлиќ решија главната улога да му ја доверат на Милан Мариќ, додека Тамара Драгичевиќ ќе ја толкува Силвана Арменулиќ. Сценариото е напишано од Никола Пејаковиќ и Драган Бјелогрлиќ, а режисерската палка му е доделена на Зоран Лисинац, кој веќе десетлетие работи во САД.

Во другите улоги се појавуваат Петар Бенчина, Андрија Кузмановиќ, Мирјана Карановиќ, Слободан Бода Нинковиќ, Марко Јанкетиќ, Иван Зекиќ и други.

Тома Здравковиќ беше нарекуван „поет на тагата“. Тој пееше од срце, и за душа. Сите го сакаа. Дури и оние што не слушаат народна музика го сакаа и слушаа Тома. Дури и денес, 30 години по неговата смрт, неговите песни се слушаат и се нарачуваат во кафеаните. Исто така, тие се пеат и нарачуваат и од оние кои не знаат кој бил Тома – вели Бјелогрлиќ.

Тој нагласи оти посебно внимание ќе се посвети на музиката, за која живеел Здравковиќ.

Треба да размислиме на што ќе се сеќаваме од животот. Овој филм е за тоа – истакна Јоксимовиќ.

Тома Здравковиќ е роден 1938 година, а почина на 30 септември 1991 година. Премиерата на „Тома“ е предвидена за почетокот на следната 2021 година.