Магазин 29. август 2020. / 16:17

Вечерва почнува Џез фабрика фестивал – Битола 2020

Вечерва почнува Џез фабрика фестивал – Битола 2020

Третото издание на Интернационалниот џез фестивал „Џез фабрика фестивал“ – Битола со исклучителна музичка програма ќе се одржи на 29 и 30 август на Отворена сцена на НУ Народен театар во Битола.

Џез фестивалот „Џез фабрика фестивал“ со сериозна меѓународна програма годинава главниот акцент го стави на промоција на македонските џез артисти. Како едукативни работилници „Џез фабрика“ постои од 2011 година, а годинава се одржува третото издание на фестивалот. На тој начин Битола влегува на листата на градови со џез култура, а се придонесува и кон културната децентрализација и меѓународната промоција на Општина Битола.

Поради пандемијата на ковид-19 и препораките од Владата на РС Македонија, организаторите од Центарот за културна деконтаминација во Битола го променија терминот за реализација на фестивалот од традиционалниот во април во овој период на крајот на август.

Според програмата, на 29 август ќе настапат Антоније АВП Проект, Брама Амити, Арменд Џафери и Тони Китановски квартет (Косово, Македонија), АЈС квартет (Албанија) и Ирена Благојевиќ квартет (Србија, Македонија). На 30 август ќе се одржи промоција на книгата „Прес енд плеј“ на Ненад Георгиевски и доделување на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во 2019 година.

Фестивалот има автентичен пристап кон промовирање на џез културата, фузија на едукативни работилници, мастеркласови, музичка индустрија и новинарство, мрежно поврзување и регионална соработка, како и промовирање на домашни и регионални џез изведувачи.

Уметници кои досега настапиле на фестивалот се: Теодосиј Спасов (Бугарија), Васил Хаџиманов (Србија), Душан Јефтовиќ (Шпанија), како и домашните автори и групи Тони Китановски, Сашо Поповски, „Фирс“, „Кабадајас“, Џоле Грујовски и други. Со вкупно 15 концерти и 6 работилници на сцената на Народниот театар Битола, како и во локални клубови и сцени на првите две изданија на фестивалот присуствувале повеќе од 1.000 посетители.

Нашата посветеност, беспрекорна организација и реализација беше препознаена од Европската асоцијација на фестивали ЕФФЕ – Брисел и за периодот 2019-2020 година, ни го доделија својот амблем за Фестивал на забележителни уметности – гордо потенцираат организаторите.

Од 2020 година фестивалот е член на програмата МОСТ – Будимпешта, проект поддржан од Европската Унија со програмата Креативна Европа. Мисијата на програмата е да го зајакне музичкиот пазар на Балканот преку поврзување и поддршка на артистите од светската музичка сцена, уметници, менаџери, фестивали и институции.