Магазин 05. мај 2019. / 21:19

Вардар третпат по ред ќе игра на Ф4 турнирот во Келн!

Вардар третпат по ред ќе игра на Ф4 турнирот во Келн!

Македонскиот ракометен првак Вардар доживеа пораз кај ПИК Сегед (29-25), но и покрај тоа, поради високата победа во Скопје, ќе патува на Ф4-турнирот во Келн каде влегува како последен патник.

Вардар, Барселона, Киелце и Веспрем ќе се борат за европската круна. „Црвено-црните“ имаа катастрофално прво полувреме, беа на работ на бездната, Сегед ја анулираше негативата од Скопје, меѓутоа со добар втор дел, ефикасен напад и расположен Милосављев, се дојде до пристоен пораз кој носи „виза“ за во Келн. За Вардар ова ќе биде трето учество по ред на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите, каде веќе еднаш, во 2017 година, ја грабна европската круна.

Дуелот почна со многу агресивна игра и одбрани на голманите. Десет минути се играше без многу голови, резултатот гласеше 3-3, а Вардар ги имаше конците в раце. Се играше дисциплинирано, дури и на раб на пасивен напад, но потоа Бомбач влезе во елемент и ги искористи сите слабости на „црвено-црните“. Милосављев бранеше на стартот, но потоа немаше лек за словенечкиот репрезентативец.

Вардар на спротивната страна промашуваше отворени напади, а ПИК Сегед ја презеде играта под своја контрола и поведе со 11-6. Пред паузата, унгарскиот тим покажа моќ, дојде и до девет гола позитива (17-8), затоа што македонскиот тим немаше погодок од 21. до 29. минута.

Стартот на вториот дел донесе рововска битка на двете страни. Секој гол беше важен, а Вардар беше нијанси подобар кога се работи за реализацијата. По 41. минута, на семафорот во Сегедин стоеше 25-17, а со два брзи гола на Карачиќ и Кристопанс, се дојде на 25-19. Наместо да се продолжи добрата серија, следеше исклучување на Шишкарев, но и ПИК Сегед стана груб, доби две исклучувања, па Вардар го искористи сето тоа и дојде на 25-21.

Следеа црни минути за ПИК Сегед, а Вардар во тој период ја комплетира серијата од 0-6. Со феноменални погодоци на Кристопанс и Скубе, но и претходни две одбрани на Милосављев, македонскиот тим имаше 26-22. Сегед ја прекина црната серија дури во 50. минута, кога погоди за 26-23, но ниту еднаш не успеа да дојде ниту близу до позитивата што ја имаше претходно. Хендикеп во финишот беше за домашните и исклучувањето на Македа, а потоа, еден нов прекршок на терен предизвика тензија и на 25 секунди пред крајот се случи инцидент.

Најдобар кај ПИК Сегед беше Банхиди со седум гола, Бомбач постигна шест гола, а Житников уфрли пет погодока, додека кај Вардар, Игор Карачиќ имаше феноменална партија со осум гола, Кристопанс даде пет, а Дибиров заврши со четири гола.