Магазин 06. мај 2019. / 22:32

Убедлива на МЗТ во градското дерби, Работнички декласиран во „Јане Сандански“

Убедлива на МЗТ во градското дерби, Работнички декласиран во „Јане Сандански“

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром неочекувано лесно и убедливо го совладаа вечниот ривал Работнички со 85:63 во дерби дуелот во „Јане Сандански“ во рамки на 5. коло од Суперлигата.

Ниту мала неизвесност немаше во големото градско дерби. Работнички го плати данокот за поразот на МЗТ во баражот од АБА лигата од Задар, а Аеродромци на најдобар можен начин се вратија на победнички колосек, со што направија огромен исчекор кон обезбедувањето на стартната позиција и предноста на домашен терен пред плејофот.

Аеродромци сега имаат две победи повеќе во однос на најголемиот противник (22-20) и водство 2-1 во меѓусебните дуели и кош-разлика од плус 24 што е и тоа како голема предност во пресрет на последните пет меча од регуларниот дел од сезоната. Сино-белите најголем дел од работата завршија уште во првата четвртина, во која со серија 14:2 дојдоа до првата двоцифрена позитива (24:14), која потоа не ја испуштија од раце.

Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, иако настапија без тројца првотимци поради повреда (Бојиќ, Магдевски и Маслинко), во третиот период дојдоа дури и до плус 19 (65:46), со што како да ставија крај на сите надежи на противникот за евентуален пресврт. Последните десет минути беа само рутински одработување на задачата на кошаркарите на МЗТ Скопје, кои искусно го доведоа мечот до самиот крај притоа зголемувајќи ја позитивата и преку границата од 20 поени.

Клучна за победата на домашната екипа беше огромната доминација во играта под кошевите, каде што тимот од Аеродром имаше дури 24 скока повеќе од противникот од „Градски парк“ (50-36).

Иве Иванов беше најефикасен кај домашниот тим со 26 поени и десет скока, веднаш зад него со учинокот беше Предраг Самарџиски со 18 поени и 16 скока, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Лестер Медфорд со 15 и Марко Симоновски со 10 поени. Кај гостите од „Градски парк“ најдобри беа Костов со 18 и Караџовски со 15 поени, а водено беа и единствените со двоцифрен ефект.