Магазин 13. август 2020. / 15:16

Традиција која зборува за минатото, но преку сегашноста, го осветлува патот кон нашата иднина

Традиција која зборува за минатото, но преку сегашноста, го осветлува патот кон нашата иднина

Оваа година КУД Илинден Битола одбележува 65 години од основањето, 65 години културно творештво, 65 години опстојување, 65 години горди чувари на македонската традиција. По овој повод разговаравме со Антонијо Димитровски, претседател на КУД „Илинден“.

Какви се плановите за одбележување на овој голем јубилеј од 65 години на  КУД “Илинден“, во време на пандемија?

Антонијо Димитровски: За жал заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј е во прилагодена форма, согласно соодветните протоколи.

Сепак покрај онлајн претставувањата и учеството на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, се одлучивме за јубилејна програма овој месец, која ќе биде само дел од прославата 65 години КУД Илинден Битола.

Оваа јубилејна програма ја сместивме токму во месец август, месецот на нашиот патрон Илинден и ќе се состои од – ревија на народни носии и концерт на традиционална музика и игра. Двата настани ќе бидат од полуотворен тип, заради здравствените протоколи и малиот капацитет на КЦ Магаза каде ќе биде ревијата и на амфитеатарот на Тумбе кафе каде ќе биде одржан концертот.

Што е она што ќе остави најголем белег на овој јубилеј и по кое се извојува ова културно-уметничко друштво?

Антонијо Димитровски: Концертот на традиционална музика и игра е спој на игра, песна и обичаи од сите региони, суптилна симбиоза на изворниот и обработен фолклор кој е дел од репертоарот на КУД Илинден и по што сме препознатливи и се издвојуваме. Овде би додал дека концепцијата на концертот на традиционална музика и игра е на уметничкиот раководител Александар Стефановски,  а реализацијата е во соработка со раководителот на оркестар Славе Наумовски, гардероберот Филип Јаковлевски, корепетиторите Николче Ангелковски и Никола Пецаковски и стручните соработници Валентин Соклевски и Љупка Стефановска. Концептот на ревијата на народни носии, на која ќе презентираме дел од богатата колекција на оригинални традиционални носии е на Филип Јаковлевски, гардеробер во КУД Илинден. Извршен продуцент на јубилејната програма е Борче Димитровски, Потпретседател на КУД Илинден.

Кои се најзначајните успеси на КУД Илинден Битола во изминатите 65 години?

Антонијо Димитровски: Оваа јубилејна програма ја посветуваме на основачите на КУД Илинден Битола, кои ја започнаа оваа светла приказна пред 65 година, на нашата драга публика, до која ќе ја доближиме и преку видео и фото документацијата од настаните, како и на сите поранешни и актуелни членови на нашиот ансамбл, драги соработници, помагатели и поддржувачи. КУД Илинден денес во очи на одбележувањето на 65 годишнината од основањето е еден од водечките фолклорни ансамбли во нашата држава, учесник на над 150 меѓународни фолклорни фестивали низ целиот Свет.
КУД Илинден денес е ансамбл добитник на врвни меѓународни признанија од кои посебно мора да се издвојат Гран при во Монт-Дор, Франција (1971 година), Второ место во конкуренција на народни оркестри на меѓународен фестивал во Ланголен – В.Британија (1996), Второ место во конкуренција на изворен фолклор во Ланголен – В.Британија (1998), Сребрена секира на Меѓународниот фестивал во Закопане, Р. Полска (2008), Награда за најдобар оркестар на Меѓународниот фестивал Етновир во Лвив, Р. Украина (2009), Награда за најавтентична група на Меѓународниот фолклорен фестивал „Искеле” во Искеле –Р.Северен Кипар (2015), Втора награда од стручното жири на Меѓународниот фолклорен фестивал во Здунска Вола – Полска (2016). Исто така е добитник на највисокото општинско признание  – наградата 4 ти ноември која ја доделува Општина Битола. КУД Илинден денес е ансамбл добитник на бројни награди на најзначајните и реномирани републички фолклорни фестивали, Републичкиот фестивал на народни песни и игри Илинденски денови, Балканскиот фестивал во Охрид и на Фестивалот на народни инструменти Пеце Атанасовски во Долнени.

Што е тоа што овој ансамбл го прав и успешен?

Антонијо Димитровски: Традицијата е душата на една држава и еден народ, ние сме горди што сме едни од чуварите на нашата навистина богата фолклорна традиција. Традиција која зборува за минатото, но преку сегашноста, го осветлува патот кон нашата иднина. Традицијата која потврдува дека не сме народ без корен. Традицијата не е воспевање на пепелот, туку спречување на пожарот е мисла на познатиот унгарски композитор Густав Малер во која има голема вистина и која зборува за тоа колку е важно таа да се негува.

Големината на овој ансамбл е што изминатите 65 години поминал низ повеќе фази на развој. Секоја фаза имала различен пристап кон творењето и она што ансамблот го презентирал. Така прв е романтичарскиот период од основањето на ансамблот, ентузијазмот и амбицијата да се направи нешто ново и напредно. Потоа доаѓа периодот на деклинација во средината на 70тите, за од почетокот на 80тите до денес КУД Илинден постојано да расте и да се надградува. Секоја следна генерација да носи нешто ново и резултатот да е тоа што сме денес, еден од водечките ансамбли во Македонија.

Фолклорот во последните неколку години повторно како да воскреснува и станува популарен меѓу луѓето, кое е вашето мислење за тоа?

Антонијо Димитровски: Идните генерации за да ја зачуваат традицијата и да ја негуваат културата, треба да ја запознаат, а токму фолклорните ансамбли се тие институции каде традицијата и културата се негуваат. КУД Илинден на пример е ансамблот од кој произлегле бардовите на македонската народна песна, Јонче Христовски и Виолета Томовска и  еден од основачите на Сојузот на фолклорни ансамбли на Република Македонија и редовен член од 1994 година. КУД Илинден денес е ансамбл кој реализирал над 200 самостојни концерти низ целата држава, од кои покрај традиционалните годишни концерти во Битола,одржал самостојни концерти и во  Скопје, Прилеп, Охрид, ансамблот кој гордо го отвора најстариот и најзначаен фолклорен фестивал во Македонија, Републичкиот фестивал на народни песни и игри Илинденски денови, со изведбата на “Комитското”. КУД Илинден денес е ансамбл избран за претставник на нашата држава Р. Македонија на најзначајниот фоклорен настан – ФОКЛОРИЈАДАТА во Уфа Русија, каде ќе учествува заедно со претставници на 80 држави од целиот свет.

 

Вие сте претседател и на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, со оглед на ситуацијата каква е состојбата со фолклорните друштва во земјата?

Антонијо Димитровски: СОФАМ во оваа специфична година, реализира дел од зацртаната програма, сепак во адаптирана и прилагодена форма согласно протоколите. Дел сме од прославата на 50 години ЦИОФФ, светската организација на фолклорни фестивали, чија национална секција е токму Софам. Посебно ја поздравуваме иницијативата и одличната организација на фестивалот Илинденски денови од страна на Центар за култура Битола, фестивал кој сме горди што е дел од избраното семејство на ЦИОФФ фестивали. Доколку дозволат здравствените прилики до крајот на годината ќе ги реализираме регионалните фолклорни смотри кои се традиционална манифестација во организација на Софам и неколку придружни активности. Секако дел од предизвиците е да се застапуваат интересите на фолклорните ансамбли пред надлежните институции и изнаоѓање на начин за поддршка и помош, бидејќи оваа здравствена криза е еден навистина голем удар, кој се заканува да згасне дел од ансамблите доколку институциите како Министерството за култура и Општините не помогнат.