Чума или некоја друга заразна болест косела низ Тиквешијата неколку пати низ историјата.
Како што раскажува за МИА историчарот Петре Камчевски, според податоците до кои дошол низ годините, голем бил бројот на тиквешани кои настрадале од болестите што ги именувале како чума.
Три големи и историски потврдени епидемии
Историчарот Камчевски кажува дека постоеле три големи и историски потврдени епидемии во Тиквешко.
– Првпат за појава на чума во Тиквешијата се знае од почетокот на 18 век или поточно од 1708 година. Оваа болест најчесто ја пренесувале војните и војниците. Во овој крај болеста ја имале донесено турските војници (Черкези и Татари). Иако има многу скромни податоци за неа, се знае дека зафатила неколку тиквешки села, како и неколку во областа Раец – вели хроничарот на Кавадарци.
Многу поголема и пострашна била чумата што овој крај го зафатила во 1895/1896 година, која од Северна Турција се пренела во Македонија.
– Оваа болест била особено немилосрдна во селата Ваташа, Моклиште, Бегниште, Бохула, Долни Дисан, Бесвица и други. За да се спаси населението од Ваташа, во збег го напуштиле селото и христијаните и Турците и привремено се населиле во месноста Катуниште. Кога интензитетот на чумата поминал, тие повторно се вратиле во селото – вели Камчевски.
Последната голема епидемија на чума во овој крај била регистрирана во 1916 година, од која настрадало населението од неколку планински села како Рожден, Мрежичко, Галиште, Клиново, Конопиште и други, каде што се наоѓала линијата на фронтот, во времето на Првата светска војна.
Се смета дека болеста ја пренеле мароканските и алжирските војници регрутирани во француската армија. Како последица од чумата, само во Клиново починале повеќе од стотина лица.