Под мотото „Семејните – општи лекари на првата линија во справување со Ковид-19“, Здружението на лекари по општа семејна медицина (ЗЛОМ/СМ) заедно со Центар за семејна медицина Медицински факултет – Скопје и годинава го одбележува 19 мај – Светскиот ден на семејните и општи лекари.
Во време на пандемијата на Ковид-19, матичните лекари беа и се уште се на првата линија во справување со овој вирус. Тие професионално ги спроведоа принципите на семејната медицина, дадоа сеопфатна, специфична и континуирана здравствена заштита за сите пациенти.
Со нивната ангажираност и посветеност, го амортизираа притисокот врз секундарно и терциерно ниво и допринесоа за успешно справување со пандемијата, намалување на кривата на новозаболени и неоптоварување на болничкиот сектор.
Пандемијата, сите здравствени работници, особено матичните лекари активно ги вклучи во едукација, скрининг, тријажа, дијагноза и третман во домашни услови на пациенти со Ковид-19, велат од ЗЛОМ/СМ и Центарот за семејна медицина Медицински факултет.
Тие посочуваат дека од воведување на алгоритмот за скрининг за Ковид-19 од 23 март до 30 април, матичните лакари вкупно закажале 3.131 пациенти за контролни брисеви, а 730 пациенти со докажан вирус Ковид-19 беа следени на домашен третман.
Во споредба со јануари-март, во април бројот на посети кај матичен лекар е преполовен и во просек имало по 17 прегледи на ден.
Бројот на упати кон секундарно специјалистичко-консултативна амбуланта се намалени за шест пати (од 233.887 во јануари, 127.225 март и 37.000 април), а преполовени се и итните упати (од 17.354 на 8.211 упати во април).
Оваа статистика не ја вклучува секојдневната ангажираност преку непосреден контакт во поддршка на пациентите и нивните семејствата. Матичните лекари стојат зад оваа успешна грижа и комуникација со пациентите кои пак и им дадоа силна поддршка и ги почитуваа препораките. Во актуелните отежнати услови за работа ЗЛОМ-СМ, заедно со Центарот за семејна медицина при Медицински факултет – Скопје, организираа онлајн едукации за матичните лекари за тема новиот вирус Ковид-19, за употребата на личната заштитна опрема, предавања за ментално здравје и хронични незаразни заболувања.
– Предизвици ќе има и во период што следи. Матичните лекари активно ќе се вклучат во холистичко решавање на проблемите со кои се соочуваат пациентите од социјален, психолошки и физички аспект, со особен акцент на пациентите кои го прележаа вирусот на Ковид-19. Во следниот период ќе се внимава на раното откривање на можните последици од него за кои се уште малку се знае: срцева слабост, коагулопатии, тромбоза на длабоки вени, бубрежни заболувања кои се опишуваат како можни компликации од Ковид-19. Внимателно ќе се следат пациенти со постоечки незаразни болест во нови услови на комуникација. Предизвик на матичниот лекар е и решавањето на проблемите со менталното здравје и домашното насилство кои уште повеќе ја нагласуваат нивната улога, бидејќи повторно е ставен на првата линија, првиот контакт со пациентите и препознавањето и поддршката на пациентите. Секако дека тоа дополнително ќе го зголеми интензитетот на употреба на здравствени услуги – се наведува во соопштението од ЗЛОМ/СМ и Центарот за семејна медицина.
Во наредниот период матичните лекари ги очекуваат нови предизвици: развивање на дигитални решенија за комуникација во примарна заштита и електронска комуникација со секундарно и терциерно ниво; инвестиции во ПЗЗ и финансиска поддршка на амбулантите на семејниот-општиот доктор се со цел да може да обезбеди квалитетна здравствена грижа кон пациентите; јакнење на мултисекторската соработка со патронажните сестри, социјалните служби; воведување на новиот модел на примарна заштита и примена на упатства за најчестите хронични незаразни заболувања.
– Пациентите му веруваат на својот матичен лекар.Треба да бидеме горди на придонесот на матичните лекари во справувањето со оваа светска криза. Честитки до сите семејни општи лекари, останете горди и обединети. Не заборавајте, заедно ќе ги надминеме сите проблеми – порачуваат од Здружението на лекари по општа медицина/семејна медицина и Центарот за семејна медицина, Медицински факултет Скопје, по повод 19 мај – Светскиот ден на семејните и општи лекари.