Александро Краљ е ватерполистот на „Црвена ѕвезда“ кој попладнево скокна во морето откако тој и неговите соиграчи беа нападнати во Сплит.
Хрватските медиуми пренесуваат дека кога излегол од водата тој рекол: „Да не скокнев во морето ќе ме убиеја“.
Според изјави на очевидци Краљ извикувал: „Јас сум од Котор, Црногорец сум, не сум Србин“.
-Седев пред банката и одеднаш се слушна галама. Овие во црвено-бели тренерки трчаа на оддалеченост од половина метар од местото каде што стоев. Едниот истрча кон морето и скокна во него. Се слушна скандирање: ‘Соблечи се, соблечи се’, и момчето ја соблече тренерката. Од кејот се слушаа секакви довикувања, а најгласно се слушаа две работи: ‘Четник’ и ‘Викнете полиција’. Не сакаше да излезе додека не дојде полиција. Викаше дека е Црногорец, а не Србин. Слушнав некој како рече дека келнерот ги предупредил веднаш кога седнале да ги соблечат тренерките, изјавил очевидец за „Слободна Далмација“.
Ватерполистите во маици на „Црвена ѕвезда“ седеле во кафуле, кога неколку лица ги нападнале. Тие итно ќе се вратат во Белград, а мечот од 13. коло на Триглав регионалната лига е откажан.