Магазин 12. мај 2020. / 15:26

Студија на СЗО за употребата на тутунот и Ковид-19

Студија на СЗО за употребата на тутунот и Ковид-19

Пушачите имаат поголема веројатност да развијат тешка болест со Ковид-19, во споредба со непушачите, покажува студијата од јавни здравствени експерти, свикани од СЗО на 29 април 2020 годинава.

Пушењето тутун е познат фактор на ризик за многу респираторни инфекции и ја зголемува сериозноста на респираторни заболувања. Во извештајот е потенцирано дека новиот вирус е заразна болест која првенствено ги напаѓа белите дробови.

-Пушењето ја нарушува функцијата на белите дробови што го отежнува телото да се бори против корона вирусите и другите болести. Тутунот е исто така главен фактор на ризик за незаразните болести како кардиоваскуларните заболувања, карцином, респираторни заболувања и дијабетес што ги става луѓето со овие состојби во поголем ризик за развој на тешки заболувања кога се заболени со Ковид-19. Достапното истражување сугерира дека пушачите се изложени на поголем ризик од развој на тешка болест и смрт, се вели во истражувањето.

Од организацијата велат дека постојано се проценуваат новите истражувања, вклучително и оние кои ја испитуваат врската помеѓу употребата на тутунот, никотинот и Ковид-19.

-СЗО ги поттикнува истражувачите, научниците и медиумите да бидат претпазливи во објавувањето на неодобрените тврдења дека тутунот или никотинот би можеле да го намалат ризикот од Ковид-19. Во моментов нема доволно информации за да се потврди каква било поврзаност помеѓу тутунот или никотинот во спречувањето или третманот на Ковид-19, велат од СЗО.

Порачуваат дека терапиите за замена на никотин, како што се гумите за џвакање, се дизајнирани да им помогнат на пушачите да се откажат од тутунот и дека веднаш треба да го направат тоа.

Потсетуваат дека тутунот убива повеќе од 8 милиони луѓе на глобално ниво секоја година. Повеќе од 7 милиони од овие смртни случаи се од директна употреба на тутун и околу 1,2 милиони се резултат на непушачите кои се изложени на употребуван чад.