Магазин 15. јануари 2021. / 22:48

Студија: Мажите почесто и посериозно се разболуваат, а и почесто умираат од Ковид-19

Студија: Мажите почесто и посериозно се разболуваат, а и почесто умираат од Ковид-19

Уште една студија покажа дека коронавирусот ги „сака“ мажите повеќе отколку жените.

Мажите ќе имаат поголема веројатност да имаат позитивен тест на Ковид-19, поголема е веројатноста да развијат компликации и имаат поголеми шанси да умрат од новиот коронавирус отколку жените, без оглед на нивната возраст, покажа новата научна студија објавена во научното списание “PLOS one”.

Досега, помали кинески и европски студии покажаа дека мажите имаат поголем ризик од потешка форма на Ковид-19 отколку жените, но досега немаше сеопфатна анализа за поврзаноста помеѓу Ковид-19 и полот.

Новата студија спроведена од американски научници користела податоци од најголем давател на здравствена заштита во Хјустон, Тексас, за да се утврди врската помеѓу полот и Ковид-19 епидемиологијата.

Податоците од тестирањето на Ковид-19, морталитетот и демографијата се извлечени од електронската медицинска евиденција на 96.496 возрасни лица кои биле тестирани во периодот од 6 март до 22 август 2020 година.

Од тоа, вкупно, 15,5 проценти биле тестирани позитивно на новиот коронавирус. По прилагодувањето за социографските фактори и коморбидитети, се покажало дека мажите имаат поголема веројатност да бидат позитивни на тестирање за вирусот САРС-КоВ-2, со прилагоден коефициент (аОР) од 1,39.

Студијата покажала слични резултати кај пациентите на кои им требала интензивна нега во болницата. 34,1 процент од позитивните мажи завршиле на интензивна нега, наспроти сè уште помалите 27,6 проценти од жените.

Понатаму, 19 проценти од мажите завршиле на апарати за дишење, додека кај жените тоа бил случај од 14,7 проценти.

Конечно, смртноста кај хоспитализирани мажи била 11,6 проценти, а кај жените 8,3 проценти.

Авторите на студијата заклучуваат дека постои јасна и силна поврзаност помеѓу машкиот пол и подложност на вирусот САРС-КоВ-2, компликации во развојот на Ковид-19 болеста, како и полоша клиничка слика и изгледи за закрепнување.

Тие додаваат дека разбирањето зошто оваа болест различно влијае на половите, исто така значи и темелен чекор напред кон подобрен третман на болеста и стратегии за интервенција кај мажи и жени.