Среде пандемијата предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2, хипотетичкиот брат САРС-КоВ-3 веќе може да се крие во природа, чекајќи следен напад врз човештвото.
Една генетска анализа на стотици нови коронавируси пронајдени кај лилјаците во Кина открива дека некои од нив имаат „голем потенцијал за пренесување помеѓу видовите“ и укажува на „веројатното потекло“ на самиот САРС-КоВ-2 во регионален вид лилјаци.
„Постои огромна природна разновидност на овие коронавируси“, забележува боливискиот еколог Карлос Замбрана, од меѓународна организација со седиште во Њујорк, посветена на истражување на болести кои произлегуваат од животинскиот свет и се закануваат на човештвото.
Неговиот тим, во соработка со Институтот за вирологија во Вухан, анализирал повеќе од 1.200 генетски секвенци на коронавируси пронајдени кај лилјаци, од кои 630 се нови, и потврди дека „југозападна Кина е центар на диверзификација“ за овие вируси. Таму е совршено невреме: голем број видови на лилјаци – секој со свој карактеристичен вирус , голема густина на човечката популација и постојан контакт меѓу луѓето и животните, што вклучува лов и јадење лилјаци.
„Многу е веројатно дека ќе видиме нови пандемии во иднина“, вели Замбрана.
Научниот тим од ЕкоЗдравје алијанса и Институтот за вирологија Вухан зеде примероци од илјадници лилјаци во 15 кинески провинции меѓу 2010 и 2015 година.
Научниците не го анализирале целосниот геном на секој вирус, така што 630 нови генетски секвенци објавени сега не мора да одговараат на 630 нови видови на коронавирус, иако боливискиот еколог смета дека може да има „стотици“ патогени агенси досега.
Вирусите кои предизвикуваат САРС, Мерс и ковид-19 припаѓаат на специфична група на коронавируси, наречена бетакоронавирус. Новата анализа, сепак, укажува на тоа дека друга група, онаа на алфа-коронавируси, е онaa што има најголема способност да се пренесува помеѓу видовите. Авторите повикуваат на итно спроведување на програми за надзор кои бараат нови коронавируси кај популациите на лилјаци во јужна Кина, но и во соседните земји како Мјанмар, Лаос и Виетнам.