Македонскиот ракометен првак Вардар се надмина себеси и ја скокна првата пречка на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите. Избраниците на Парондо иако губеа со седум разлкика ја победија моќната Барселона, а сега следи меч против стар познаник – Веспрем.
Ретко кој од љубителите на ракометот веруваше дека Вардар ќе се врати од седум гола негатива. Но, водени од тимската енергија и дух, вардарци приредија изненадување, а сега сонуваат истото да го направат и против Веспрем, но по полесен пат, потврдува капитенот Стојанче Стоилов.
Веспрем има поголема ротација од нас, но се работи за еден натпревар. Ние ќе дадеме сè од себе, нема што да загубиме, затоа што дојдовме до тука и сега ќе го нападнеме и трофејот. Се надевам дека нема да губиме седум разлика со Веспрем, па пак да треба да се враќаме. Сакам да биде нешто полесно за нас, но знам дека нема да биде така, Веспрем е одличен тим. Нема да биде лесно да се игра против нив, но ние ќе го дадеме најдоброто од себе за нас, за Вардар и за нашите навивачи, изјави Стоилов.
Финалето во Лигата на шампионите стартува од 18:00 часот во „Ланксес Арена“ во Келн. Вардар ќе ја лови својата втора европска круна по 2017 година, додека Веспрем сонува деби-трофеј во елитата.