Привремениот тренер на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солшер ги импресионираше Англичаните со фантастичниот старт во новиот клуб, а утрово откри што му помогнало да стане добар тренер.
Солшер беше одличен напаѓач на „црвените ѓаволи“, но сега докажа дека е добар и како тренер. норвежанецот на девет натпревари за Јунајтед стигна до осум победи, а во разговор со англиските медиуми откри дека ја следел постојано работата на Сер Алекс Фергусон, но призна дека научил некои работи и од компјутерска игра, а станува збор за „Фудбал Менаџер“.
Оваа игра е популарна кај фудбалерите, а не можел да одолее ниту Солшер, па призна дека развивал некои тренерски способности со нејзина помош, а притоа научил работи кои некогаш се невозможни да се забележат во реалноста.
-Кога играв за Манчестер јунајтед се опуштав со ‘Фудбал Менаџер’. Тоа е фантастична игра и многу научив за фудбалот, фудбалерите и младите таленти. Тоа е слика на реалниот живот и често погодуваат кој ќе направи голема кариера. Ми го промени животот како тренер и погледот на тоа. Им се восхитувам на истражувачите кои ја подобруваат играта. Се сеќавам дека тогаш размислував кога ќе бидам тренер да им давам шанса на младите фудбалери и да ги гледам како се развиваат- вели Солшер.