Магазин 04. октомври 2020. / 17:45

Со отстрел на дива свиња почна ловната сезона во Пијанец

Со отстрел на дива свиња почна ловната сезона во Пијанец

Почна ловната сезона во Пијанец. Групата од пет ловџии на терените кај месноста Луковица во атарот на селото Разловци утрово го забележа и првиот отстрел на дива свиња. Според Новко Илиевски вепарот е тежок околу 120 килограми и е еден од вкупно петте диви свињи кои ги забележале на стартот од ловната сезона.

Од денеска почна ловната сезона. Групата ни е составена од 5 члена и за среќа имавме успех да го забележиме и првиот плен. Вепарот е уловен во атарот на Разловци кој е дел од едно од вкупно седумте ловишта кои потпаѓаат под Ловното друштво „Острец“ од Делчево, вели Илиевски.

Во оваа група како што додава е и еден од најстарите ловџии во регионот.

Со нас денес е и Бранко Малчев кој е еден од најстарите ловџии. Неговото искуство ни е драгоцено, бидејки најдобро од сите нас знае каде поминуваат дивите свињи. Денес забележавме околу 5-6 диви свињи, вели Илиевски.

Првата недела од почетокот на ловната сезона како што додава Илиевски е резервирана исклучиво за диви свињи, додека од другата недела почнува и ловот на зајак и друг вид дивеч.

Во Пијанечкиот регион има вкупно седум ловишта меѓу кои Киселица Голак, Бигла, Влаина, Тработивиште, Бејаз Тепе – Средна. Ловот е дозволен секоја недела и за време на државен празник.