Монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески и во изведба на Бобан Алексоски, беше изведена во Сули ан, во рамки на фестивалот „Скопско лето“.
Претставата е во продукција на театар „Златен Елец”, трае 50 минути и е наменета за публика над 16 години, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), организатир на летниот фестивал во главнот град, кој почна во понеделникот – годинава со задоцнување поради пандемијата.
Оваа претстава е работена пред три години како дел од независна продукција, на покана на театар „Сенки и облаци“ во Дебар Маало каде што се игра. Има учествувано на четири театарски фестивали – на фестивалот на монодрама во Битола, МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, „Лица без маски“ – на кој Бобан Алексоски,освои награда за најдобар актер на фестивалот, и на БАТИФ во Тирана во 2017 година кога монодрамата освои две награди – за најдобар актер и за најдобра режија.
„Дневникот на лудиот“ е провокативен текст кој, иако напишан во 1835 година, е сè уште ужасно актуелен. Гогољ сака на некој начин да нè разбуди од сонот, од кој сме сите заслепени во секојдневието, и проблемите околу социјалниот момент – трката во која живееме… Нашата претстава се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него, порачува екипата.