Магазин 21. јули 2020. / 15:18

Скулпторот Перо Кованцалиев е добитник на наградата „Боро Митриќески“

Скулпторот Перо Кованцалиев е добитник на наградата „Боро Митриќески“

Скулпторот Перо Кованцалиев е добитник на наградата „Боро Митриќески“ што ја доделува семејството на истакнатиот скулптор.

Ми претставува огромна чест и задоволство што сум добитник на оваа награда која го носи името на истакнатиот скулптор Боро Митриќески и која ја доделуваат неговото семејство и ДЛУМ. Признанието се доделува во една значајна категорија за мене, а тоа е современата скулптура. Со оваа изложба ДЛУМ останува посветен кон мотивирањето на нас, помладите уметници, и ја поддржува нашата нова компонирана продукција. Моето дело кое е наградено –  „Ирационални бранови“ претставува еден кинетички објект кој иронично го опева технократскиот симбол во консумирачкото општество. Прави едно соочување со секогаш присутниот идол за надминување на човечката немоќ која е наметната во сите сфери на секојдневното дејствување – изјави Кованцалиев.

Тој и со дополна оти се надева дека изложбата ќе биде посетена и дека на неа љубопитните очи на заинтересираните и на проследувачите на уметноста ќе можат да го видат неговото дело и да се соочат со него, а упатува и благодарност до сите инволвирани во организирањето на поставката и семејството Митриќевски.

Инаку, роден во Гевгелија 1982 година, Перо Кованцалиев најнапред завршил училиште за применета уметност во Скопје и потем дипломирал на Факултетот за ликовни уметности на одделот за вајарство. Член е на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија и на ДЛУМ од 2012 година, за зад себе има голем број на самостојни изложби, групни поставки и колонии во земјава и во странство. Покрај актуелното високо признание „Боро Митриќевски“, добитник е и на првата награда на конкурсот за идејно решение за спомен обележјето „Свети Климент и Наум Охридски“ на општина Центар во Скопје во 2009 година.

Инаку, Кованацалиев е мултидисциплинарен уметник кој работи низ повеќе визуелни медиуми и пракси ( скулптура, сликарство, графика, кинетика, инсталации, дигитални медиуми, видео, фотографија…). Негов главен интерес е следењето на општествените промени, како локалните така и глобалните, каде што својата визуелна интерпретација ја преточува во еден вид на коментар кој е во прилог на одржливиот развој на животната средина, каде човекот ја има најважната улога.