Магазин 28. август 2020. / 16:12

Скребатно кај Охрид годинава без традиционалниот голем црковно-народен собор

Скребатно кај Охрид годинава без традиционалниот голем црковно-народен собор

Поради епидемијата на коронавирусот оваа година нема да се одржи традиционалниот голем црковно-народен собор во излетничкото место Скребатно кај Охрид, организиран секоја година по повод големиот православен празник Голема Богородица.

Поради коронавирусот уште претходно беше решено оваа година за празникот да нема поставување шатори и кампување во црковниот имот, да нема музичка програма и да не се дели традиционалниот ручек.

Верници секако ќе има во црквата, но за безбедно одбележување на празникот во Скребатно заеднички ќе грижат припадници на полицијата и на редарска служба ангажирана од мештаните повикани од Црковниот одбор за доследна примена на безбедносно-здравствените препораки од Владата како и од Центарот за јавно здравје, за носење заштитни маски и одржување на социјална дистанца на просторот пред и во црковните објекти.

И оваа прилика се ушатува апел до верниците строго да се придржуваат кон безбедносно-здравствените протоколи и другите предвидени насоки на организаторот поврзани со одржување на верски собири и почитување на насоките на полициските службеници.

Изминатите години за големиот православен празник во излетничкот место Скребатно се собираа голем број верници, но и туристи, на сенародна веселба. Црковниот одбор на „Света Богородица” и локалното население секоја година организираа и празничен ручек при што беа послужувани и над пет илјади порции.