На 31 јули (петок), 20:30 часот, Плоштад “МАЈКА ТЕРЕЗА” (Плато пред НОБ) во рамките на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се одржи Младински музички маратон на платото пред Опера и балет.
ГОЦЕ ЗЛАТЕВ – пијано
ПРОГРАМА
Ф. Лист – „Мефисто“ Валцер бр.1
С. Рахманинов – „Музички момент“ бр.4
Гоце Златев е 14 годишен млад пијанист од Св.Николе. Основното музичко образование го започнува во Штип на осум годишна возраст во класата на Проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” во класата на Проф. Д-р Славица Мицовска- Смилевска. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе Државни и Меѓународни натпревари и добитник е на многу награди меѓу кои: I место на Меѓународен натпревар – Словенија, 1во место на Меѓународен натпревар „Сирмиум”- Сремска Митровица, 1во место на Државен натпревар, Награда за „Најголем виртуоз”- “Earth and People”- Софија, Р.Бугарија, 1во место на Меѓународен натпревар „Охридски бисери”, 1во место на Меѓународен натпревар „Русел” – Софија, Р.Бугарија, учество на престижниот натпревар ” Роберт Шуман”- Германија и др. Од концертната дејност ги издвојуваме настапите организирани од страна на град Св.Николе, настапот на два концерти во Париз, настап со оркестар во Софија, и солистички рецитал одржан во 2019 година во „Музеј на револуционерна борба” во Скопје. Во текот на школувањето, својата наобразба ја надоградува во соработка со еминентни професори: М.Ѓошевска, Ж. Захариева, С.Гаџиев и други.
ИЛИНА МИТРЕВСКА – сопран
ДИЛЕК РЕЏЕП – пијано
ПРОГРАМА
Џ. Росини – Аријата на Розина “Una Voce Poco fa” од Операта „Севилскиот бербер”
Џ. Пучини – “O Mio Babbino Caro” од операта „Џани Скики”
В.А. Моцарт – “Padre, Germani, Addio” од операта “Идоменео”
Џ. Б. Перголези – Stabat Mater, “Vidit Suum Dulcem natum”
Руска народна песна – „Волга реченька глубока”
А. Л. Вебер – Тема од „The Phantom of The Opera“
Илина Митревска 18 годишна соло пејачка од Скопје, матурантка во средното музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, во класата на проф. Гонца Богоромова Краповски. Дел е од академијата за вокална уметност на Ана и Игор Дурловски, а воедно и работи со професор Славица Петровска Галиќ. Добиник е на голем број 1ви награди на меѓународно ниво (Меѓународен натпревар –„Лазар Јовановиќ”, Белград, Меѓународен натпревар „Полихимнија” итн.) Во досегашното школување се стекнала со голем број солистички настапи, како и чести настапи во Македонската Академија на Науките и Уметностите, концертот по повод 148 години од раѓањето на Гоце Делчев, одржан во Софија, Бугарија, под диригентската палка на Местро Христо Христов, заедно со Cофискиот Младински оркестар „Пионер”. Има учествувано на голем број на мастеркласови меѓу кои со: Капучине Киаудани, Раме Лахај, Благој Нацоски.
ИНЕС НЕДЕЛКОВСКА – пијано
ПРОГРАМА
Ф. Шуберт – Импромпти бр.3 Оп. 90
М. Равел – Сонатина за пијано
В. Николовски – Токата
Младата пијанистка Инес Неделковска (2003) е една од најистакнатите млади македонски музичари. Таа започнува да учи пијано на нејзина шестгодишна возраст во класата на вон. проф. д-р Нина Костова, студент на еминентните руски пијанисти и педагози Људмила и Борис Романови. Инес Неделковска до сега се закитува со шест први награди на државните натпревари по музика, но и многубројни награди на меѓународни натпревари во Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Македонија итн. Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се: Карнеги Хол и Кауфман Центарот во Њујорк, Ројал Алберт Хол во Лондон, Театарот Росини во Италија, Филхармонијата во Париз и многу други. Инес исто така има реализирано и значајна концертна активност. Во 2013 година, во рамките на познатиот фестивал „Москва ги пресретнува пријателите“, организиран од фондацијата на легендарниот виолинист и диригент, Владимир Спиваков, таа се претставува со три концерти пред московската публика. Нејзините настапи се одвиваат во Државниот музеј „Царицино“, Меѓународниот Рерих-центар и Уметничката галерија на прочуениот сликар Александар Шилов. Инес е прва и единствена претставничка од Македонија на овој реномиран фестивал. Во 2016 година, таа исто така има забележителни настапи на концертните подиуми во Загреб и Крагујевац, како и на концертите на лауреатите од натпреварите во Дојран и Струга. Во март 2018 година во рамки на 25-от меѓународен музички циклус „Млади Виртуози“ на реномираниот Љубљански фестивал, Инес Неделковска се претстави со свој рецитал во престижната сала „Крижанка“. На 18 мај 2018 година, во организација на Музичка Младина на Македонија, Инес Неделквска одржа солистички концерт во малата сала на Македонската Филхармонија, а во декември истата година настапи и како специјален гостин на концертот на реномираниот пијанист Дино Имери во големата сала на Македонската филхармонија. Инес во мај 2019 година реализира рецитал во Италија во рамките на PianoFormia во Teatro”Remigio Paone”.
Младата Инес исто така често настапува како солист со повеќе оркестри. Освен што повеќе пати настапувала со Македонската филхармонија, можеме да ги издвоиме и настапите со АГБУ камерниот оркестар од Софија, Бугарија; камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“; Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск итн. Во април 2017 година, Инес настапи како солист во циклусот концерти „Децата настапуваат за деца“ во Новосибирск, Русија. Овие концерти се одвиваат во склоп на Транс-сибирскиот уметнички фестивал, организиран од познатиот руски виолинист Вадим Репин. Концертот со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск беше пренесуван од страна на Руската национална телевизија.
ВАЖНО ЗА ПУБЛИКАТА:
Согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки:
– носење заштитни маски
– мерење телесна температура
– одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето
– дезинфекција
– влезот на публиката ќе започне во 20:00 часот