Денес од 20.30 до 21.45 на плоштадот Мајка Тереза, а во рамките на манифестацијата Скопско Лето ќе се одржи концерт на пијанистот Бобан Мирковски.
Во рамките на програмата ќе бидат изведени делата на А. Хачатурјан и Гудман, како и “Валцерот на милионерот“ (Квин/Б. Мирковски).
Бобан Мирковски е роден во 1991 во Скопје. Основното и средното образование го завршил во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломира во 2013 година на Факултет за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески. Во 2015 год. ги завршува пост-дипломските студии на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија).
Мирковски има остварено голем број концерти во Македонија и странство и има освоено голем број домашни и меѓународни натпревари. Како поважни настапи се издвојуваат сите поголеми концерти на МБУЦ “Илија Николовски – Луј“ и на ФМУ Скопје, концерт во Босковице, Чешка Р. (2007 год.), концерт во Сан Даниеле, Р. Италија (2007 год.), настапувал како дел од неколку концерти на Симон Трпчески: концертот во Вашингтон, САД (2011 год.) по повод 20 годишнината од независноста на Р. Македониј, остварува повеќе солистички концерти низ Македонија, два настапи како солист со Македонска Филхармонија (2011 и 2012 год.) итн.
Дел од наградите кои ги има освоено се: 2 први места и 1 Лауреат на „Арс Косова“, Приштина (2006, 2007 и 2008 год.); 1-ва награда на меѓународен натпревар „Даворин Јенко“ во Белград, Р. Србија; 3-та награда како и награда за највиртуозен учесник на меѓународниот натпревар „Музиката и земјата“ во Софија, Р. Бугарија, Лауреат на меѓународен натпревар „Македониум М“ во Скопје (2007 год.) итн. Исто така, пијанистот Мирковски е добитник на престижната награда на фодацијата „Климентина Рафајловска“ за најдобар музичар матурант.
Во своето образование има посетувано и неколку меѓународни семинари кај еминентни професори од републиката и од странство како што се: проф. Ж. Захариева (Р. Бугарија), Ј. Михајловиќ (Р. Србија), Ф. Турисини (Р. Италија), А. Леимони (Р. Грција), Т. Каишиге (Р. Јапонија), Б. Романов (Р. Македонија) итн.
Во моментов работи како професор по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ Скопје каде остварува успеси со своите ученици.
Согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки:- носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето, дезинфекција, а влезот на публиката ќе започне во 20 часот.
Согласно Протоколите заради регулирањето и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по цена од 100 денари.