Светската фудбалска федерација (ФИФА) го избра Лионел Меси за најдобар светски фудбалер за 2019 година, а потоа беа соопштени и гласовите на сите селектори и капитени на репрезентациите кои гласале. Токму тоа фрла сериозна дамка врз изборот, откако дел од овие лице јавно проговорија дека не гласале онака како што тврди „светската куќа на фудбалот“.
Станува збор за селекторот на Судан, челниците на Фудбалската Федерација на Египет (селекција која е без селектор) и капитенот на Никарагва, а она што е заедничко за сите нив е што на листите на ФИФА му дале максимални бодови на Меси, што воопшто не е точно.
-Не гласав за Меси, воопшто не гласав за никого. Од ФИФА ме информираа и ми рекоа дека ќе ми проследат линк за гласање, но никогаш не добив такво нешто. Затоа и бев изненаден кога го видов своето име меѓу оние кои гласале за Меси – изјави Хуан Барера, капитенот на Никарагва, кој според официјалните информации гласал за Меси, Роналдо и за Мане.
Селекторот на Судан, Здравко Логарушиќ, исто така ја обвини ФИФА за заговор, тврдејќи дека гласа за Салах, Мане и Мбапе, а на листата објавена од ФИФА стои дека тој гласовите ги дал на Меси, Ван Дајк и на Мане.