Магазин 29. јануари 2021. / 12:44

Шумахер конечно ќе се појави во јавност

Шумахер конечно ќе се појави во јавност

Пред седум години, според многумина, најдобриот возач на Формула 1 на сите времиња, Михаел Шумахер (52), се здоби со тешка повреда за време на скијање и оттогаш многу малку се знае за неговата здравствена состојба. Но, тоа наскоро ќе се промени…

Семејството на Михаел е подготвено да ја открие целата вистина. Тие ќе дозволат ТВ-екипи да влезат во куќата во која Шуми се опоравува од силниот пад при скијање во 2013 година. Тој беше на повеќе операции, во шестмесечна индуцирана кома и сега се опоравува во домашна нега. Неговите фотографии или снимки никој не ги видел од падот, а дојде време целиот свет да ја види состојбата на легендарниот возач.

Германското дуо Михаел Вех и Ханс-Бруно Камертонс снимаат документарец со едноставен и јасен наслов – „Шумахер“, а тимот ќе добие ексклузивни слики од домот каде моментално се опоравува најдобриот возач во историјата на Формула 1. Во него ќе бидат и сопругата на Михаел, Корина, таткото Ролф, како и ќерката Џина-Марија и синот Мик, кој следната сезона ќе вози за тимот на Хас во најбрзиот циркус на денешницата.

-Филмот ја покажува импресивната кариера на Михаел, но и многу комшплексни личности, објасни Сабине Кем, портпаролката на семејството Шумахер.

Инаку, Михаел на тој кобен 29 декември 2013 година, залута од патеката во француските Алпи, падна и ја удри главата во карпа. Кацигата му го спаси животот, но претрпе сериозни повреди. Тој беше опериран двапати и ставен во вештачка кома.

Михаел Шумахер (52) е буден, дише, убаво му чука срцето. Тој веројатно може да седне, можеби дури и да направи чекор со помош на други, но не повеќе од тоа, изјави познатиот невролог Ерих Ридерер во француски документарец на ТМЦ, чии зборови ги пренесува италијанската „Газета дело Спорт“. Повремено го посетува Џан Тод, претседател на Светската автомобилска федерација (ФИА), кој истакна дека Шуми ги следи стапките на својот син.

-Секако дека го посетувам. Пресреќни сме што ќе имаме нов Шумахер во Формула 1, а секогаш ќе му го кажувам истото на Михаел: борба! Тој е во одлични услови и има врвна грижа, истакна Тод.

Не е познато кога ќе излезе документарецот, но во него треба да се открие како изгледа Шумахер по сите овие години.