Вардар го промовираше новиот стратег Давид Хозе Писонеро и со тоа затвори само едно од големиот број на празнини кои екипата ги има по завршувањето на уште една историска сезона на „црвено-црните“, пренесува Спортмедиа.
Но, Писонеро наследи пола тим, со оглед на тоа дека си заминаа Игор Карачиќ, Рожерио Мораес, Дејан Милосављев, Јања Војводиќ, Дмитри Кисељев и Глеб Калараш, односно клубот е во потрага по бекови (пред се среден бек и лев бек), пикер, голман, како и главен дефанзивен играч.
Последните информации до кои дојде СПОРТМЕДИА велат дека Шпанецот не доаѓа сам, односно четири големи засилувања се во најава за европскиот првак.
Со Писонеро доаѓа и играч кој ќе застане на линијата во ротација со Стојанче Стоилов, додека уште еден новајлија, Русинот Сергеј Горпишин е ракометарот со кој се затвора оваа позиција. Бековската линија ќе добие „џиновски“ димензии, со оглед на тоа дека по Даинис Кристопанс (десен бек) и левата страна ќе добие таков корпулентен играч.
Просторот меѓу диреците и дефанзивецот повторно се главна болка за Вардар, со оглед на тоа дека играчите кои се на листата на желби веќе имаат активни договори.