Пандемијата и затворањето на рестораните, кафулињата и баровите ширум светот не е пречка за луѓето да се опуштат со дегустација на нивниот омилен пијалок у во домашни услови. Рестриктивните мерки на многу места предизвикаа зголемена побарачувачка на алкохолни пијалоци, во зависност од културата и гурманските навики на населението.
Откажуавњето на Октоберфест – фестивалот на пивото во Минхен е најголемиот шок за љубителите на пивото во Германија, но тие ќе надоместат со поголема посета на маркетите.
За време на кризата со корона вирусот, Германците купуваат алкохолни пијалоци повеќе од вообичаено. Според фирмата за истражување на пазарот со седиште во Нирнберг, „ГфК“, од крајот на февруари до крајот на март се продадени дури една третина повеќе шишиња вино во однос на истиот период во 2019 година. Има и зголемување од 31,2 отсто во продажбите на пијалоци како џин или швепс, споредено со претходната година. Сепак, експертите забележуваат дека растот на трговијата на мало се компензира од загубите во продажбата во гастрономскиот сектор. Значи, оние кои не можат да пијат во ресторани или барови, веројатно тоа го прават дома.
Според повеќе социолошки агенции, продажбата на вотка во Русија се зголемила неверојатно. Овој развој предизвикува загриженост.
На пример, Султан Хамсаев од организацијата „Трезвена Русија“ вели: „Не смееме да дозволиме овој опасен вирус да предизвика други болести“. Во минатото имало повеќе обиди за контрола на проблемот со алкохолот во земјата. Поранешниот советски претседател Михаил Горбачов неславно пропадна со ваква кампања и до ден денес многу Руси сè уште го мразат поради забраните што тој се обиде да им ги наметне.
Во Јужна Африка, политичарите го прифаќаат овој пристап: во борбата против корона вирусот, строгиот петнеделен полициски час е придружен со национална забрана за алкохол и цигари. Честопати има инциденти со кражба на алкохол од продавниците во земјата. Луѓето – млади и стари – ги празнат цели продавници.
Црниот пазар исто така напредува: преку групите за разговори можете да добиете недозволена набавка на вино, виски или цигари по надуени цени. Сепак, полицијата верува дека забраната е успешна. Министерот за полиција, Беки Селе, дури посочи дека ограничувањата во продажбата остануваат по пандемијата.
Според извештаите на медиумите, црниот пазар цвета и во Индија, каде што продавниците за пијалоци и барови се затворени во поголем дел од земјата. Во најјужната држава Керала, централната телефонска линија за помош регистрира исклучително голем број на повици од луѓе очајни да добијат алкохол. Навистина, продажбата на алкохол е важен извор на приход за многу држави, обезбедувајќи средства што сега можат да ги користат за борба против корона вирусот. Затоа во многу држави сакаат повторно да продаваат алкохол.
Од друга страна, во Франција, која е сериозно погодена од вирусот, постои мал интерес за забрана на алкохол. Аперитив чаша вино е дел од културното наследство на земјата.
Сепак, продажбата на алкохол во супермаркети опадна за 16 проценти во првите 12 дена од карантинот, според студијата на Институтот за истражување на пазарот „Нилсен“ од почетокот на април. Според студијата, особено е падната продажбата на шампањот – дири за 5,2 отсто во овој период.
Исто така, во Шпанија, не постојат владини мерки за ограничување на потрошувачката на алкохол. Во метрополитенските области како што се Мадрид, Барселона и Севилја, веќе не е можно да се оди во бар, така што има голема веројатност луѓето да пијат дома. Според студијата на почетокот од април од страна на трговскиот магазин „Infortale“, продажбата на пиво скокнало за речиси 80 проценти за само една недела, а на виното за дури 60 проценти.
Прославата во петок навечер со пријателите во бар е класичен дел од животот во Бразил. Но, состаноците со чаша каипириња, коктел за кој се вели дека е создаден како лек за шпанскиот грип, сега се можни само преку виртуелни собири на Интернет. Продажбата на алкохол во супермаркетите во Рио е поголема дури отколку за време на карневалот, соопшти порталот „Г1“.
Треба да се спомене дека Светската здравствена организација предупредува да не му се припише на алкохолот некакво заштитно својство од корона вирусот. Тоа е „опасен мит“ што постои низ целиот свет, велат од СЗО. Погрешно е да се верува дека „консумирањето алкохол со висок степен може да го убие вирусот Ковид-19; тоа не е случај“. Напротив, консумирањето алкохол го ослабува имунолошкиот систем и исто така е поврзано со многу болести кои можат да го направат човекот повеќе подложен на зараза со корона вирус.