Во тек е реконструкција на изложбениот простор во Музеј на град Скопје. Реконструкцијата треба да заврши до ноември, а Скопје ќе добие современ изложбен простор по сите светски стандарди.
Финансиските средства за реконструкцијата на музејот во висина од 800.000 евра се обезбедни со грант од Светска банка.
Основан во 1949 г, а од 1970 година, Музејот е сместен во пренаменетиот дел од старата железничка станица која делумно била разурната во скопскиот земјотрес од 1963 година. Една третина од зградата, која останала релативно зачувана, денес е во функција на Музејот кој располага со простор од 4.500 м2, од кои 2.000 м2 е изложбен простор.
Оттогаш до денес како комплексен музеј тој ја поврзува дејноста на подрачјето на историјата, археологијата, етнологијата, уметничката историја на подрачјето на Град Скопје. Освен системските истражувања, прибирање, средување, заштита и чување, музејот врши и стручна обработка и научно проучување на музејскиот материјал како и неговата јавна презентација преку тематски проекти и изложби како во земјата така и во странство.
Музејот поседува фонд од 21.950 музејски предмети распоредени по повеќе одделенија: археологија, истрија, етнологија, историја на уметноста, архитектура, урбанизам и дизајн, едукација, фотографија, видео и дигитализација, а работи и музејска библиотека.
Во фундусот на музејот влегуваат донацијата од 182 фотографии на доајенот на македонската уметничка фотографија Благоја Дрнкова и донацијата на jапонска графика укијо-е. Во 1991 година Љубомир Белогаски му подари на Музејот на Град Скопје 159 дела (претежно акварели).
Оваа збирка, која има исклучителна вредност и прва од таков вид во државата, го овозможи формирањето на галеријата при Музејот на Град Скопје што го носи името на донаторот Љубомир Белогаски и во која чувајќи го споменот за него постојано се изложени неговите дела.