Магазин 16. септември 2020. / 20:15

Се поставува сцената на „Макфест“ на штипскиот плоштад „Слобода“

Се поставува сцената на „Макфест“ на штипскиот плоштад „Слобода“

Почна поставувањето на сцената за 35-то издание на Фестивалот за музика „Макфест“ на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип. Драган Ристов шеф на прес-центарот за МИА вели дека се очекува сцената да биде поставена денеска, додека поставувањето на столчињата за публиката во текот на утрешниот ден, кога ќе се види колку простор останува на плоштадот.

 На плоштадот ќе има голем влез, од каде што публиката ќе влегува и излегува, просторот ќе биде ограден, ќе имаме обезбедување и волонтери, кои ќе ја предупредува публиката да нема групирање, со цел да се запазат здравствените протоколи. Според нашите проценки годинава фестивалот поради посебните мерки ќе го следат од 200 до 300 лица во публиката, меѓу секое столче ќе има растојание од метар и половина, а секое лице кое ќе влезе ќе добие и дезинфекционо средство со логото на фестивалот, изјави Ристов.

Тој забележува дека сетоа ова го реализираат согласно здравствените протоколи во интерес на здравјето и безбедноста на сите учесници, но и за самата публика, а истовремено да има и добро организиран фестивал. Инспекторите најавиле дека и на двете вечери ќе бидат присутни, со цел да не се нарушат здравствените протоколи за организирање на вакви настани.

Фестивалот за музика „Макфест“, годинава ќе се реализира на 18 и 19 септември под отворено небо, доколку заврне дожд нема да има прекин на фестивалот, бидејќи сцената ќе биде покриена.

Првата вечер е ревијална и ќе се пеат макфестовските хитови, а втората е фестивалска, на која ќе се слушнат 24 нови композиции. Новинарите ќе имаат посебно место, од каде што ќе го следат фестивалот и ќе ги земаат изјавите.