Магазин 10. јули 2020. / 11:21

Самостојна изложба на академската сликарка Весна Ничевска во Галеријата на МКЦ

Самостојна изложба на академската сликарка Весна Ничевска во Галеријата на МКЦ

Вечерва, со почеток од 20 часот во Галеријата на МКЦ ќе се отвори изложбата „Ерос и Танатос“ од Весна Ничевска.

Настанот ќе биде реализиран по соодветен протокол, запазувајќи ги препорачаните мерки за заштита.

Академската сликарка ќе се претстави со 40-ина дела со фигуративна, но експресивна содржина во различни техники; туш, акварел, акрилик, пастел и комбинирана техника. Сензуалноста, еротиката и љубовта наспроти смртта и страста за живот инкорпорирани во сцени замрзнати во времето, а сепак толку живи претставени со брзи и експресивни, спонтани потези на хартија или платно.

Ничевска е родена 1977 во Скопје, дипломирала 2001 на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје во класата на професор Родољуб Анастасов.
Учествувала на повеќе групни изложби, стрип-фестивали, објавувана е во повеќе стрип-ревии и илустрирала повеќе детски приказни.

Изложбата ќе трае до 20 јули.

Ерос и Танатос, љубов и смрт, страст и болка, силите што го придвижуваат светот, силите на инспирацијата, волјата и ентузијазмот против непостоењето. Уметноста е тука да остави белег на кожата на голата егзистенција, на малограѓанскиот, досаден живот, белег па макар и крвав со ноктите на провокацијата. Јазикот на љубовта секој може да го разбере сѐ додека не се опира заробен во табуизираното општество, јазикот е симбол на провокација, на страст и бакнување – вели сликарката.