Магазин 03. април 2019. / 13:32

РСБСП: Не се качувајте на мотор без заштитна кацига!

РСБСП: Не се качувајте на мотор без заштитна кацига!

Ако се земе предвид колкав дел од сообраќајот им припаѓа на мотоциклистите и колкаво е нивното учество во вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, може да се каже дека мотоциклистите се најзагрозена и најнебезбедна група учесници во сообраќајот. Имено, повеќе од 10% од жртвите во сообраќајни незгоди се мотоциклисти, а истовремено мотоциклистите опфаќаат само околу 0,5% од вкупниот сообраќај.

– Мотоциклистите се ранлива категорија учесници во сообраќајот, директно изложена на опасностите што постојано демнат во сообраќајот и кај која ризикот за здобивање со смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок. Во просек, годишно во Република Македонија, околу 15 мотоциклисти го губат животот во сообраќајни незгоди – велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и упатуваат.

Од РСБСП апелираат до мотоциклистите да носат заштитна кацига која го намалува ризикот од здобивање со смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветар, прашина, дожд, односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото.

– Користење на останата заштитна опрема, како: заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, очила, кожни панталони, ракавици итн.) е исклучително важно за безбедноста на мотоциклистите и за лицата кои се превезуваат на мотоцикл, но нивното користење не е задолжително и е препуштено на свеста и одговорноста на мотоциклистите и за жал, истата скоро и да не се користи – велат од РСБСП.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да знае дека движењето во група треба да биде еден позади друг. За вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќај од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет, или ако видливоста му е намалена, возачот треба да го турка мотоциклот, а не да го вози.

Возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, а со тоа и да ја загрозува безбедноста на пешаците. Возачот не смее да биде под дејство на алкохол или да превезува лице кое е под дејство на алкохол, не смее да превезува дете помало од 12 години, должен е да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото.

Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот на мотоцикл кој управува со мотоцикл без заштитен шлем и кога лицата кои се превезуваат не носат или одбиваат да носат заштитен шлем за време на возењето на патот.

РСБСП потсетува дека во овој период од годината, особено важно е одржувањето на мотоциклот. На почеток на пролетната сезона, секој мотоциклист треба да ги направи основните проверки на мотоциклот.