Магазин 02. февруари 2019. / 11:41

РСБСП: Младите возачи да не возат брзо и под дејство на алкохол

РСБСП: Младите возачи да не возат брзо и под дејство на алкохол

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) преку соопштение апелира до младите возачи да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината и да не возат под дејство на алкохол.

Брзото возење и алкохолот, како што велат, се најчести причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици.

„Брзината и алкохолот изнудуваат грешки кои најчесто завршуваат со фатални последици. Возач – почетник не смее да управува возило со брзина поголема од 60 км/ч на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 км/ч на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 км/ч на автопат. Возачот почетник кој поседува возачка дозвола од „Б“ категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати. Толеранцијата за присуство на алкохол во крвта, кај возач почетник, е еднаква на нула.

Безбедноста во сообраќајот бара сериозност, одговорност и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи. Младоста не е и не може да биде никакво оправдување. Почитувањето на сообраќајните правила не е право на избор. Затоа, без изговори. Вози одговорно!”, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според податоците на СЗО, секоја година, во светот, околу 400.000 млади лица го губат животот во сообраќајни незгоди. Тоа значи дека 1.100 млади лица, на возраст до 25 години, секој ден го губат животот во сообраќајни незгоди ширум светот, кои се водечка причина за смртност кај лицата на возраст од 15 до 19 години, а втора причина за смртност кај лицата на возраст од 10 до 25 години.