Магазин 17. декември 2020. / 19:45

„Реинкарнација“ на Бојан Петковски – мултимедијален уметнички проект во Музеј на Македонија

„Реинкарнација“ на Бојан Петковски – мултимедијален уметнички проект во Музеј на Македонија

„Реинкарнација“ претставува проект чија цел е сугестивно прикажување на она што, условно речено, може или не може да се реинкарнира а претставува во најмала рака културно наследство, вели младиот етнокореолог и автор на проектот Бојан Петковски.

-Во период кога традиционалната култура е на изумирање, а зачестени се нејзините стереотипни форми на презентација, се појави потребата од создавање на проект кој ќе ја третира традицијата преку призмата пред се на науката но и на уметноста. Реинкарнација преставува симбиоза на научно-истражувачката и собирачка дејност како и уметички концепт за презентација на истото. Реинкарнација ќе прикаже традиционални носии од етничките предели: Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Долни Полог, Струшко Поле, Охридско Поле, град Струга, Дурачка Река, Азот како и Ромите во градот Скопје. Традиционалната носија може да ја лоцира во нејзината стара форма носена кон крајот на XIX век, како и перидот на нејзината трансформација кон средината на XX век се до нејзинотот последно доносување кон крајот на XX век. Во проектот се прикажани носии од постариот тип односно од крајот на XIX век како и последните форми од средината и крајот на XX век. Традиционалната носија не претставува само заштита на телото туку истата може да се сигледа како систем од симболи и знаци кои како своевидна граматика прикажуваат значајни појави и процеси во минатото како за социјалната заедница така и за носителот. Во овој проект се прикажани носии за повеќе социлајни статуси како: девојка, млада невеста, невеста, жена во средно доба, стара жена, млад маж, носија за жалост, како и детска носија и облека за бебе. Прикажани се празнични и секојдневни носии.

Идејното решение тежнееше да ги прикаже носиите во конкретни ситуации. Односно прикажани се конкретни случувања како: обредно влегување на невестата во домот на младоженецот, обредното замесување на леб, обредното китење на бајракот, обредно заплетување на невестата, собори за време на празници, одење на вода, моба и друго. Споменатите активности се изведувале во домовите, пред куќите, во близина на стопанските објекти или чешмите. Во проектот носиите се фотографирани на индентични локации на некогашната нивна изведба. Истражувајќи ја и традиционалната ахритектура доаѓаме до заклучок дека истата е во лоша состојба, запуштена или разрушена. Традиционалните носии се фотографирани токму во архаичната архитектура. Следната фаза од проектот беше компјутерска обработка на фотографиите. Имено носиите и реквизитите се преставени во боја додека пак архитектурата е прикажана во црно бела техника. Преку пластичен начин се сугерира на фактот дека одредени сегметни од традицијата условно речено може да се реинкарнираат додека пак други не може. Реинкарнирани се единствено носиите и реквизитите додека пак архитектурата е во црно бела техника зошто истата не може да биде реинкарнирана. Овој уметнички концепт пред се треба сугестивно да влијае на свеста за изумирањето на традицијата и за она што повеќе не може да се реинкарнира. 

Настанот ќе се одржи во етнолошкиот оддел на Музејот на Македонија, на 22-ри декември, а идејата позади истиот е да се даде уметнички одраз на сегменти од духовната и материјална култура на 19-от и 20-от век.

Отворањето на изложбата е во 12 часот, а овој мултимедијален проект ќе обедини учесници од разни области од уметноста. За настанот е подготвен и специјален сценско-уметнички перформанс во живо.