Македонија е генерално религиозна држава и тоа важи како за христијаните, така и за верниците кои се припадници на исламската религија, вклучително и кога станува збор за помладите генерации.
47 отсто од младите во Македонија се религиозни, додека 36 проценти изјавиле дека се донекаде религиозни, како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 17 проценти од испитаниците, во како што се вели, првото вакво големо истражување од овој тип.
Секој осми млад човек во Македонија не би простил прељуба во бракот, речиси за секој шести се прифатливи предбрачни сексуални односи, додека една четвртина од младите би избрале абортус поради несакана бременост.
Значаен дел од младите од двете главни вероисповести, релативно често ги посетуваат верските храмови, како еден од сегментите на практикување на религијата. Седумдесет и три проценти од испитаниците се изјасниле како православни, 23,4 отсто како муслимани, додека како припадници на други религии се изјасниле 0,7 проценти, а 2 отсто се изјасниле како атеисти.
Сепак, како што беше утврдено и во претходните истражувања, постои разлика помеѓу припадност и практикување на одредена религија, со оглед дека првото е повеќе перцепирано како традиција и наследство, додека второто е личен избор на луѓето кои самостојно одлучуваат дали религијата ќе ја практикуваат или не.
Истражувањето за перцепцијата на младите во поглед на нивните религиски, етички и морални вредности, е спроведено од „Институтот за политички истражувања – Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).