Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ распиша конкурс за доделување на наградата „Антево перо“, востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски, за 2020 година.
Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис). На конкурсот до 25 август можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот стаж или државата во која живеат. Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена комисија, во состав: Венко Андоновски (професор и писател), д-р Атина Цветаноска (книжевен истражувач) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски).