Магазин 08. јули 2020. / 15:29

Промоција на четвртата збирка поезија, „Порој од пепел“ од Исток Ј. Улчар утре во МКЦ

Промоција на четвртата збирка поезија, „Порој од пепел“ од Исток Ј. Улчар утре во МКЦ

Упорно барајќи си ја назад невиноста, полека отстранувајќи ги порталите за влез на болката, конечно и со олеснување, веќе кон крајот на стихозбирката, лирскиот субјект успева да го заспие ‘остарено[то] бебе / чиј плач ја поти проѕирната плазма на светот’, притоа алудирајќи на сопственото лечење на тивок оган, со потхранување на и вљубеност во внатрешните ‘ладнокрвни демони’ коишто се заслужни за тоа ‘што во порите сила му се вселува’ и ‘што во черепот мудрост му се вгнездува’.

Ваквото повратно и зависнично враќање кон изводните канали на реалноста, како кон солидни количини морфиум, го носат лирскиот субјект кон отрпнатост, за тој потоа да објави дека постојаното навраќање кон вистината ја убило неговата емпатија, која тој самиот ја закопал ‘во подот на неговата заклучена соба, вели Мања Величковска.

 

Стихови ќе читаат: Лазар Христов и Сергеј Димовски, а музичката подлога е дело на Александар Скрјабин/Немнтин – „Мистериум: Уводно дејство (Подготовка за конечната мистерија)“

Исток Ј. Улчар е роден на 11.9.1996 година во Скопје. Од 2014 досега се објавени четири негови книги поезија. Негови песни и расказ се застапени во неколку избори на дела од млади македонски и екс-југословенски автори. Учествувал на повеќе поетски читања дома и на 2 поетски настани во во Белград, Србија. Негови песни се преведени на српски, на унгарски и на англиски јазик.