Кумановскиот театар утревечер премиерно ќе ја изведе детската претстава „Трнорушка“, информираа денеска од установата. Во претставата која ја режира Бојана Краљевска играат Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Владанка Димковска, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ и Давид Илиќ.
Актерите и режисерката денеска ги повикаа најмладите да ја проследат претставата, низ играта на актерите да научат за суштинските животни вредности.
Режисерката Краљевска, вели дека процесот на подготовка на претставата бил успешен, исполнет со позитивна енергија која ќе се пренесе на публиката. Актерот Жарко Јовановиќ кој го игра принцот во претставата вели дека најмладата публика е обично и најискрена и очекува успешно да се презентираат пред најмладите. Владанка Димковска која ја толкува улогата на Трнорушка вели дека првпат ќе игра во детска претстава и се надева дека најмладите ќе уживаат.
Претставата е премиерно беше планирано да биде изведена во март годинава, но поради почетокот на ширење на коронавирусот беше одложена и премиерно ќе биде изведена утре, два пати во 17 и во 19 часот. Уште една изведба е закажана за во сабота во 18 часот.
Како една од најстарите уметнички форми, бајката e потреба низ сон, мечтаење, имагинација да се наткрили животот. Таа со својот јасен и цврст етички кодекс (борба за добро, правда, еднаквост, љубов) ни открива и подвлекува некои суштински животни вредности. Бајката на сцена не толкува, објаснува, ниту докажува, туку повеќе потшепнува и предизвикува, запрашува и провоцира и, оддалечувајќи нè од животот, ни зборува за животот. Таква е и нашата „Трнорушка“, пишува драматургот Зоран Зафировски.
Од театарот ги потсетија гледачите дека доследно треба да се почитуваат протоколите и дека мора да се одржува дистанца, да се носат маски и да се мери температура.