Магазин 07. јануари 2020. / 16:21

Пожарите нема да го одложат Австралија Опен

Пожарите нема да го одложат Австралија Опен

Организаторите на Австралија Опен ја отфрлија секоја можност за евентуално откажување на првиот годинешен грен слем турнир поради големите пожари кои беснеат во Австралија. Тие тврдат дека се преземени сите мерки за заштита на тенисерите кои ќе настапат на терените во Мелбурн.

Првиот грен слем турнир во годината треба започне на 20 јануари, а квалификациите стартуваат на 13 јануари, додека финалето е предвидено да се игра на 2 февруари.

– Со оглед на информациите со кои располагаме, прогнозите се добри и квалификациите ќе започнат идната недела. Не предвудуваме дека ќе дојде до некакво одложување и спроведуваме дополнителни мерки со кои гарантираме дека Австралија Опен ќе се одржи во предвидениот термин – изјави Крег Тили, претседател на тениската федерација на Австралија.

Оваа изјава на Тили е одговор на претседателот на советот на АТП, Новак Ѓоковиќ, кој неодамна изјави дека доколку биде загрозено здравјето на тенисерите и тенисерките постои можност Австралија Опен да се одложи.

– Најблиските пожари се на 100-тина километри од Мелбурн. Одвоивме значителни средства за анализа, следење и логистика за време на одржување на турнирот – смета Тили.

На терените во Мелбурн парк каде ќе се играат натпреварите, има три стадиони со затворен кров со што шансите за одложување или откажување на турнирот се минимални.