Популарниот британски готвач Џејми Оливер доби повик да направи камео во новото продолжение од филмската франшиза „Star Wars“. Британските медиуми пишуваат дека готвачот, како голем фан на „Star Wars“, веднаш го прифатил повикот.
Во 2015 година, Оливер се облече како стормтрупер додека ги испраќаше неговите деца во училиште и тогаш потврди дека е огромен фан на оваа филмска франшиза.
Според британскиот таблоид The Sun, продуцентите на „Star Wars“ веќе подолго време имале намера да го повикаат Џејми Оливер во некој од нивните филмови, а сликата од него во костум на стормтрупер ги убедила дека се работи за човек кој заслужува да добие камео.
-Џејми се појави во Pinewood Studios на тренинг, за да се подготви за улогата заедно со останатите стормтрупери. Тој беше многу сериозен за време на снимањето, бидејќи се работи за остварување за еден од неговите најголеми сонови, но рече дека работите кои ги виде во студиото ќе ги чува во тајност додека не излезе филмот- пишува The Sun, цитирајќи неименуван извор.
Досега неколку познати личности од Велика Британија имаа кратко камео во филмовите на „Star Wars“, меѓу кои и Том Харди, принцовите Хари и Вилијам, Гери Барлоу, Едгар Рајт и Герет Едвардс.
Премиерата на „Star Wars: Episode IX“ е закажана за 20 декември 2019.