Почна со работа затворениот градски базен во Куманово, соопштија од спортскиот комплекс. Дел од пливачките клубови кои функционираат во Куманово ги информираа своите членови дека почнуваат со тренинзите.
Од градскиот базен повикаа дека рекреативните посети треба да бидат најавени и закажани, инаку може да не бидат примени, поради пополнет број според протоколи. Трибините нема да бидат отворени за посетители и влезот ќе биде дозволен само за пливачи.
Меѓу протоколите за работа поради пандемијата Ковид 19 е задолжително носењето на лична заштитна опрема на лицето, одржување на физичка дистанца, миење раце, дезинфекција, но и редовно чистење на комплексот и дезинфекција. Се препорачува и бесконтактно плаќање на билетите или онлајн, дезинфекциски бариери на повеќе локации, потсетување на посетителите за дистанца, дезинфекција, во соблекувалните може да влегува само по едно лице со редовна дезинфекција.
Ограничување на бројот на посетители во објектот согласно квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м2 нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м2 во базенот-се наведува во протоколите.
Предвидено е хлорирање, но и дезинфекција со алкохол, белило, на различни површини и строга евиденција на посетителите со податоци.