Рајко Дујмиќ, познатиот хрватски композитор и долгогодишен лидер на легендартната група „Нови фосили“ почина денес, на 66-годишна возраст, во болница во Риека, јавува Вечерњи.хр.
Тој се здобил со тешки повреди на главата минатата среда, 29 јули, во сообраќајна несреќа, кога слетал од патот и при тоа и самиот излетал од автомобилот.
Веднаш по сообраќајната незгода, Дујмиќ бил пренесен во единицата за интензивна нега во болницата во Сушак во Риека, а Клиничкиот болнички центар во Риека во истиот момент објавил дека фронтменот на „Нови фосили“ е во животна опасност.
Несреќата се случила на 29 јули, околу 17:15 часот, кога Дујмиќ заради неприлагодена брзина излетал од патот со својот џип Фолсваген – Тигуан и завршил на падината над бездната. Според информациите, во сообраќајната несреќа во која настрада сега починатиот Дујмиќ, не учествувало друго возило, а и тој бил единствен човек во неговото возило, кое било со загребски регистарски ознаки.