Магазин 16. април 2020. / 23:00

Почина познатата косовска музичарка и новинарка Виолета Реџепагиќи

Почина познатата косовска музичарка и новинарка Виолета Реџепагиќи

Познатата косовска композиторка, пејачка и новинарка Виолета Реџепагиќи почина денеска на 55-годишна возраст, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста ја потврди косовската полиција, која соошти дека, по дојава на граѓанин, го открила безживотното тело на Реџепагиќи во нејзниот дом во Приштина.

Реџепагиќи беше ценета авангардна естрадна уметничка и најпозната рок-музичарка во Косово во 80-тите години од минатиот век, а настапуваше и на фестивали и концерти во повеќе места во тогашна Југославија.

Во 90-тите беше позната како репортер на тогашната Радио-Телевизија Приштина, а по насилното затворање на таа медиумска куќа од страна на српската полиција, работеше како дописник на неколку странски медиуми, меѓу кои и на Скај Њуз, за кои известуваше од Косово и од други зони на конфликт. Меѓу другите, има известувано од Хрватска на почетокот на тамошната војна, како и од Ирак. По косовската војна, новинарската кариера ја продолжи во РТК.

Пред неколку години доживеа тешка сообраќајна несреќа, во која нејзиниот сопатник го загуби животот, а таа беше цели 2,5 години неподвижна, по што релативно се опорави и повремено се појавуваше во јавноста.

Како пејачка во минатото често пати настапуваше со нејзиниот брат Арменд Реџепагиќи, кој е исто така мошне познат музичар, иако обајцата пред речиси три децении ја прекинаа естрадната кариера.